Правните и физички лица кои имаат потреба да се движат во природа, од денеска со однапред добиена дозвола ќе може да го направат тоа.

– Ова се однесува и на планинарите и на параглајдеристите, кои што ги користат планините за своите активности, посочи Ангелов.

Во моментот активни се четири пожари – над селата Раовиќ и Буковиќ, во Општина Сарај, над селото Патишка река, кон Јасен, во струмичко Василево и прилепското село Топлице,

– Во овој момент активен е пожарот над селата Раовиќ и Буковиќ, во Општина Сарај. Овој пожар трае 15-тина дена. Утрово, на ова место дејствуваат два армиски хеликоптери, кои што се обидуваат да го изгаснат, но поради спецификата на самиот терен и вегетацијата, која гори, односно корењата кои што се малку под земја и над нив има тресет, многу тешко оди гаснењето на овој пожар. Тој не претставува опасност за населените места и штета не е многу голема, бидејќи станува збор за нискостеблести растенија, изјави Ангелов.

Активен е и пожарот над селото Патишка река, кон Јасен, но тој се држи под контрола, а реактивиран е и пожарот во прилепското село Топлице, кој, исто така, брзо ќе биде ставен под контрола.

– Имаме активен пожар во струмичко Василево, кој што е на тромеѓето на општините Берово, Радовиш и Струмица. Во беровско е над селото Нивичани. Овде, пред се, горат остатоци од исечени дрвја, но верувам дека овој пожар ќе биде совладан во текот на денешниот ден, појасни Ангелов.

Во посета на ЦУК, информираше Анеглов, денеска бил американскиот генерал Најт од Националната гарда на Вермонт, со кого било договорено продолжување на досегашната соработка и посета на нивни инструктори, кои би помогнале во комплетната реформа на Системот за управување со кризи и противпожарната заштита.