Први мај не е обичен ден, тоа е ден на кој оддаваме почит на извонредните луѓе – работниците за нивните економски и социјални достигнувања, на нивниот придонес да го направат светот силен и прогресивен, ден кој низ годините, од штрајкот на работниците во 1886 година во Чикаго до денес, кога над 80 земји во светот го одбележуваат како државен празник, ја претставува силата и позитивноста на меѓународното работничко движење, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки на Фејсбук во честитка по повод 1 Мај – Меѓунардониот ден на трудот.
– Нека овој празник ни биде уште еден потсетник дека предизвиците и тешките ситуации не треба да нѐ спречуваат да ги достигнеме нашите соништа. Секој може да загуби битка, но само оние кои се борат наоѓаат мир и задоволство. И, да не заборавиме дека успехот доаѓа со напорна работа и посветеност, наведе Спасовски.
Тој додад дека одлика на секое цивилизирано и современо општество е почитување и вреднување на сечиј труд подеднакво.
– Како Влада се заложивме за безусловна посветеност на градење еднакво општество за сите, a од аспект на Министерството за внатрешни работи се заложивме за севкупно подобрување на професионалните услови за работа на полициските службеници, преку реконструкција и изградба на полициските станици, набавка на униформи и опрема, исплата на бонус плати. Бидејќи само од мотивирани вработени може да очекуваме високи резултати и успешно и ефективно работење. На сите наши граѓани им го честитам празникот 1 Мај со желби преку заедничка и вредна работа да обезбедиме личен професионален напредок и заеднички прогрес на нашата земја, додаде Спасовски во честитката.