Дел од клучните сообраќајници и булевари во Скопје утре во периодот од 6:00 до 14:00 часот ќе бидат целосно затворени за сообраќај поради одржувањето на 22. Виз Ер Скопски маратон, а возилата ќе се насочуваат по алтернативни правци.

Организаторите соопштија дека протокот на возила долж целата маратонска траса ќе биде соодветно пренасочен, со цел да се обезбеди максимална безбедност за сите учесници на спортскиот настан.

За сообраќај ќе биде блокиран потегот од центарот на градот кај Рекорд, вклучувајќи ги улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, па сè до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“ во насока кон населбата Хром.

Ограничувањето ќе опфати и делови од улицата „11 Октомври“, поточно потегот од зградата на Собранието кон Црвен крст, како и делови од булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“ сè до објектот на Американ колеџ.

Во општина Аеродром под посебен сообраќаен режим ќе бидат потезите што водат кон Воениот базен, поликлиниката „Мајчин дом“ и булеварот „Јане Сандански“, сè до раскрсницата со булеварот „Србија“. Пренасочувањето на моторните возила на овие сообраќајници ќе се одвива тековно, во зависност од динамиката и темпото на тркачите.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до сите возачи да избегнуваат движење по наведените сообраќајни коридори во терминот од 6:00 до 14:00 часот и строго да постапуваат според наредбите и насоките издадени од униформираните полициски службеници на терен.

Организацискиот одбор упати молба до граѓаните за разбирање и трпение поради воведениот привремен режим, советувајќи ги навреме да го испланираат патувањето низ градот и да изберат соодветни заобиколни рути.