Министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија Гордана Антулеска – Белческа, денеска апелираа да не се злоупотребуваат термините за во оваа установа и да не паѓаат под влијание на пациенти кои сами бараат да бидат снимани со магнетна резонанца, а нема медицинска потреба за тоа.

Граѓаните реаграат дека се чека долго за термин и читање резултати. Според Антулеска- Белческа со оглед на капацитетите со кои располагаат во моментот, тие го даваат својот максимум. Таа побара правилна тријажа на пациентите, да се утврди кој пациент е итен за да биде испратен на магнетна резонанца.

Имаме три апарати за магнетна дијагностика, таа е многу интересна и премногу барана, дури и злоупотребена како метода. Мислам дека е тука основниот проблем. Треба да се прави правилна тријажа на пациентите, значи да се утврди кој пациент е итен за магнетна, нему да му дадеме предност. Заради тоа апелирам и кон своите колеги, да направиме правилна тријажа, со цел да им дадеме предност на оние, на кои навистина магнетната резонанца им е неопходна. Во тој случај, ние би биле и далеку поефикасни, истакна таа, одговарајќи на новинарски прашања на денешната промоција на нови апарати на Радиологија.

Кога станува збор за дополнителен кадар, таа информираше дека дел вработувања се реализирани, меѓутоа сѐ уште не се доекипирани.

Министерот Меџити се согласи дека има проблеми во термините на радиологија. Тој кажа оти се случувало на дежурство или во амбуланта, да дојде пациент со петмесечна главоболка и самиот да кажува дали треба да се направи магнет или не.

Заедно со директорите на радиологија, ќе ги заостриме критериуми. Повторно апелирам до граѓаните да не кажуваат на докторите – навистина и тие да сочувствуваат со нас, да знаат точно дека сепак, докторите одлучуваат кој има потреба, а кој не, додаде министерот.

Тој рече и оти во европските земји, во одредено време кога треба кај матичен лекар да се оди, треба со месеци да се чека термин, а ако е итност, за тоа одлучуваат самите стручни лица и лекарите.

Меџити оцени дека има подобрување на оваа состојба и оти не се чекало, како што се чекало порано, потсетувајќи дека Радиологија ќе се реновира и оти тоа ќе придонесе да се олесни ситуацијата со термините.

На новинарско прашање дали на специјализанти им се дава да читаат резултати, министерот и директорката одговорија дека тоа е дел од едукацијата, оти работат под надзор, под менторство.

Министерот беше прашан и каква е ситуацијата со големата кашлица во државата, на што тој одговори дека ситуацијата е под контрола.

Комисијата за заразни болести излезе и кажа точно дека сѐ е под контрола, дека ситуацијата се опсервира цело време и во моментов, нема навистина место за паника, нема некој проблем. Ги надгледуваме случаите. Засега состојбата е стабилна. Утре ќе има седница, информираше министерот.

Како што додаде Меџити, остануваат само двата потврдени случаја. Тој уште еднаш ги повика граѓаните да ги вакцинираат најмладите.