Поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Гоце Седлоски е назначен денеска за нов тренер на Шкупи, соопшти попладнево скопскиот прволигаш.

– По неколкудневни разговори, постигнат е договор со 47-годипниот стратег да го предводи нашиот клуб кон нови успеси, се наведува во клупското соопштение на Шкупи.

Седлоски, кој е првиот македонски фудбалер во историја со над 100 настапи во репрезентативниот дрес, ќе биде четвртиот тренер сезонава на клупата на моментно второпласираниот тим во Првата македонска фудбалска лига.

– Познато ми е дека многу се вложува во овој клуб, донесени се бројни засилувања, но да бидам искрен лично познавам само двајца или тројца од овие играчи од времето додека го водев Вардар. Претстојните шест меча до крајот на сезоната се добра можност за докажување, сите ќе почнат од нула, ќе добијат шанса да докажат колку вредат, изјави Седлоски на промоцијата.

Целта е, додаде, на највисоко ниво да го одработиме крајот од сезонава, а потоа да почнеме со проектот што јас и управата го имаме замислено.

Седлоски во својата тренерска кариера претходно ги предводеше екипите на Вардар, Хоризонт Турново, Рига и Широки брег, а кратко време беше и в.д селектор на македонскиот национален тим.