Во вторник идната недела, пред Комисијата за надворешна политика вкупно седум кандидати за нови амбасадори ќе ги претстават своите платформи за дипломатските активности со што ќе се финализира постапката пред нивното заминување во амбасадите.
Поранешниот министер за правда Никола Тупанчески треба да го пополни амбасадорското столче во Белград, Србија. Нов амбасадор во Израел ќе биде Шпенд Садики од МНР, а во Полска заминува Јасмин Ќахил, исто така од МНР.
Писателот и драматург Сашко Насев ќе биде новиот амбасадор во Пекинг, Кина, а поранешниот заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски заминува за Букурешт, Романија.
Нов амбасадор во Берлин, Германија, ќе биде Илбер Села, актуелен директор на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, додека во Бразилија, Бразил, ќе замине Игор Попов од МНР.