Електричните возила постигнаа рекорден удел во новите регистрации на автомобили во Европската Унија минатата година, покажуваат официјалните податоци што беа објавени денескa. Порастот се должи на тоа што сè повеќе возачи преминуваат на електрични автомобили во услови на повисоки цени на горивата и поевтини модели.

Од сите новорегистрирани автомобили во 2025 година, 17,3 отсто биле целосно електрични возила со батерии, што значи дека секој шести нов автомобил имал целосно електричен погон, соопшти Германската служба за статистика, повикувајќи се на податоците од статистичката агенција на ЕУ, Евростат.

Возилата со хибриден погон сочинувале 42,4 отсто од новите регистрации на патнички автомобили, додека автомобилите со бензински и дизел-мотори учествувале со 27,3, односно со 9,8 отсто.

Уделот на целосно електричните автомобили во новите регистрации во ЕУ значително се зголеми во текот на изминатата деценија, од само 0,4 отсто во 2015 година, благодарение на подобрената инфраструктура, вклучувајќи ја и мрежата на полначи, како и на намалувањето на цените на електричните возила. За овој тренд дополнително придонесоа и повисоките цени на горивата.

Данска е земја со најголем удел на новорегистрирани електрични автомобили од 67,8 отсто, пред Холандија со 40,2 отсто и Малта со 37,6 отсто. Најмал удел меѓу новите автомобили електричните возила лани имало во Хрватска со 1,9 отсто, Словачка со 4,7 отсто и Бугарија со 4,9 отсто.

Позитивниот тренд се очекува да продолжи и годинава, при што Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) извести за зголемување на уделот на целосно електричните автомобили на 20,7 отсто во првата половина од 2026 година, од 15,6 отсто во истиот период минатата година.

Оваа индустриска асоцијација, чии податоци опфаќаат и европски земји што не се членки на ЕУ, оцени дека особено голем потенцијал за натамошен раст постои во Германија, Франција и Данска.