Премиерот ја коментира најавата за синдикален протест
Премиерот Христијан Мицкоски, прашан за утрешниот протест на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), истакна дека „секој има право да протестира“.
Тој нагласи дека минималната плата ќе се зголеми во согласност со законот, односно платите што работниците ќе ги добијат во април за месец март ќе бидат повисоки.
„Во согласност со законот, минималната плата ќе биде зголемена во март, односно платите што ќе ги добијат работниците во април за март ќе бидат зголемени. Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при работната посета на Гази Баба.
Протестот на ССМ
ССМ најави протест за утре попладне, на кој ќе бараат минимална плата од 600 евра, зголемување на сите други плати за сто евра и услови за достоинствен живот на работниците.
