Достоинството на жената не смее да биде предмет на потсмев во јавноста. Само неколку дена пред официјалниот почеток на глобалната кампања од 16 дена активизам против родово базираното насилство, во јавниот простор се појавија недолични сексистички пораки прикриени зад наводен хумор. Загрижувачки е што ваквите објави доаѓаат директно од носител на јавна функција, односно советник во општина Карпош од редовите на Левица, соопштија од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од општинскиот комитет Карпош.
Од партиската организација истакнуваат дека сите декларативни заложби на политичките субјекти за борба против насилството врз жените мора задолжително да бидат проследени со доследно, чесно и одговорно однесување на нивните избрани претставници во институциите.
Во спротивно, се отвора сериозно прашање за искреноста и се разобличува лицемерието на јавно прокламираните заложби. Додека партијата Левица во јавноста декларативно се претставува како борец против секаков облик на насилство врз жените, ваквите објави од нивните претставници на локално ниво покажуваат целосна спротивставеност меѓу зборовите и практичните постапки.
„Не можеме да зборуваме за родова еднаквост, а истовремено да го нормализираме сексизмот. Жената не е декоративен елемент, ниту нејзиното деколте треба да биде предмет на јавни очекувања. Почитта кон жената не е прашање на дрес-код, туку на култура, воспитание и цивилизациски вредности“, нагласуваат од партиската комисија.
