Претседателот на Алијанса за Албанците во оставка Зијадин Села денеска пред почетокот на партиското Централното собрание, изјави дека неговото повлекување од лидерската позиција во партијата не значи и повлекување од политиката.

– Би било неблагодарно од моја страна да се повлечам од политиката имајќи предвид дека имам поддржувачи кои стојат зад мене и зад партијата. Јас ќе бидам внатре во политиката, активен во политиката и ќе бидам таму каде што структурата на АА ќе побара, таму каде што и новиот претседател на АА ќе побара да сум, посочи Села.

Тој очекува од новиот партиски лидер да продолжи да ја гради Алијанса за Албанците, а по денешното Централно собрание партијата да излезе посплотена, посилна и поприсутна на терен.

Алијанса за Албанците, вели Села, е подготвена да презема одговорност за минатото, а исто и за иднината и, како што вели, да ги исполни очекувањата кои ги имаат нивните гласачи, како и очекувањата на граѓаните во Северна Македонија.

Истакна и дека АА е автономна партија која никогаш својата иднина ја нема перцепирано како припојување или во прегратка со некоја македонска политичка партија.

– Друга е работата кога треба да се седне и да се преговара за да се формира некое мнозинство. АА е сплотена, пратениците се сите сплотени и подготвени за да ги понесат обврските кои ги имаат преземено како последица на гласањето што се случи на последните парламентарни избори, вели Села.

Прашан за став во врска со уставните измени, тој потсети дека АА била за прифаќање на т.н. француски предлог, и оти без нивните пратеници ќе го немало мнозинството од 61 од пратеник.

– Да, подготвени сме да прифатиме и уставни измени, ама од друга страна треба и другите политички актери да го прифатат она што и ние цениме дека треба да се прифати, а тоа е албанскиот јазик да биде вметнат во Уставот и да се замени онаа дефиниција 20 отсто итн., изјави Села.

Зијадин Села на 21 август годинава даде оставка по слабите резултати на последните избори за советници во Советот на Општина Тетово, на кои Алијансата за Албанците не освои ниту еден мандат. Села тогаш најави дека повеќе нема да се кандидира за претседател на партијата бидејќи, како што рече, според статутот тоа право го има само двапати. Села на функцијата прв човек на АА беше реизбран на Конгресот одржан на 27 март годинава.

На денешното Централното собрание, покрај изборот на нов в.д. претседател на Алијансата за Албанците, се очекува да се расправа и за оставката на пратеничката Иљире Даути од функцијата координатор на пратеничката група на АА во Собранието.