Државниот секретар и предлог кандидат за министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, оствари работна средба со сточарите од Пијанечко-Малешевскиот регион, при што беше потврдена најважната вест за сточарите од овој крај.
Надминат е проблемот со откупот на млекото и неговиот откуп продолжува, со што завршува периодот на неизвесност за голем број семејни земјоделски стопанства.
На средбата, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, беше истакнато дека обезбедувањето континуиран откуп претставува значаен чекор кон стабилизирање на сточарското производство во регионот.
Покрај ова, се разговараше и за откупната цена на млекото, исплатата на субвенциите, како и за други прашања што се важни за унапредување на условите за работа на сточарите.
„Решавањето на проблемот со откупот на млекото беше наш приоритет, бидејќи македонските сточари заслужуваат сигурен пласман и извесност за својот труд. Ќе продолжиме да работиме на создавање фер услови за производство, економска стабилност и политики што произлегуваат од директните разговори со луѓето на терен“ истакна Серафимовски.
