Војната на Блискиот Исток меѓу Израел и Хамас бележи шест месеци. Светот станува се понетрпелив поради бавното темпо на израелската офанзива и големиот данок што го плаќа народот на Газа. Израелскиот премиер Нетанјаху вети дека ќе ја продолжи битката против Хамас. Подготвува војници да се преселат во јужниот град Рафах, за што тврди дека е последното упориште на милитантната група. Меѓународната заедница се противи и секојдневно упатува апели за запирање на хуманитарната катастрофа.
„Шест месеци од терористичкиот напад на Хамас врз Израел уште еднаш го повторувам нашето целосно и недвосмислено противење на настаните што се случија на 7-ми октомври. Треба да се погрижиме да добијат хуманитарна помош луѓето на кои им е потребна и треба да се осигураме дека хуманитарното право се почитува. Тоа го обезбедува правото на хуманитарните работници да можат безбедно да ја извршуваат својата хуманитарна работа“, изјави Ентони Албанес, премиер на Австралија.
Меѓународниот гнев зовре оваа недела откако во израелски воздушен напад загинаа седуммина хуманитарни работници. Израел вели дека нападот бил несреќен случај, но шефовите на држави и влади од каде што потекнуваат хуманитарците бараат детална истрага. Јавноста бара од израелската влада веднаш да постигне прекин на огнот за да ги врати дома заложниците. Израелските граѓани одржаа голем број демонстрации во текот на војната. Само изминатава недела десетици илјади луѓе се собраа во Ерусалим на најголемите антивладини демонстрации.
„Тука сме денес затоа што веќе поминаа шест месеци од 7-ми октомври. Чувствувам дека се заборавени сите заложници, овде во Израел, но и во светот.“
„Мислам дека е штета што сè уште го имаме Нетанјаху за наш премиер. Мислам дека тој треба да поднесе оставка по тоа што се случи пред шест месеци.“
„Се надевам дека владата можеме да ја смениме и ќе добиеме премиер кој се грижи за луѓето, а не само за себе или за своето семејство.“
„Мислам дека ни беше доста. Некои велат дека не е соодветно да се демонстрираме за време на војна, но остануваме на позицијата. Нашата влада не функционира ниту на цивилно поле, ниту на безбедносно, ниту на меѓународно поле. Нема друга можност освен промена на нашето раководство“, велат демонстрантите.
Во Египет нова рудна преговори. Белата куќа претходно објави дека разговорите продолжуваат со присуство на претставници на САД. Дури и по шест месеци борби, нема јасна визија за повоена Газа. Тел Авив сака да одржи отворено воено присуство во Газа, Вашингтон бара целосно повлекување на Израел кога борбите ќе завршат и ќе се придвижат кон формирање независна палестинска држава. Во меѓувреме, регистрирани израелски воздушни напади во источен Либан. Според светските агенции, нападот бил насочен кон камп за обука на милитантната група, во близина на границата со Сирија. Продолжуваат и нападите во Газа.