Народниот театар „Војдан Чернодрински“ активно се вклучува во програмата за одбележување на 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп. На 2 ноември, со почеток во 20:00 часот, на Сцена 105 ќе биде изведена театарската претстава „Црнила“ според драмскиот текст на Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски.

Претставата ќе биде одиграна во чест на освоените шест награди на два значајни театарски настани: Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Веднаш по спуштањето на завесата, на актерот Александар Степанулески свечено ќе му биде врачено признанието за најдобар актер, освоено на струмичкиот фестивал за улогата на Луков.

На јубилејното издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“, театарскиот ансамбл за оваа претстава доби пет признанија: за костимографија на Марија Пупучевска, за сценографија на Валентин Светозарев, признанието за млад актер за Сара Спиркоска, наградата за главна машка улога за Димитар Ѓорѓиевски и признанието за најдобра режија за Дејан Пројковски.

Добитникот на наградата за улогата на Луков, Александар Степанулески, истакна дека прилепскиот театар за него претставува место на професионално раѓање на кое секогаш со задоволство му се враќа.

„Вложив многу труд, а при тоа ми се отворија многу различни светови, и на крајот се валоризира позитивно“, вели Степанулески.

Драмското остварување „Црнила“ претставува длабока актерска и режисерска исповед што отвора отворен дијалог за потребата од заеднички позиции во преломните моменти, пренесувајќи ја пораката дека темните дамки во македонската историја најчесто се резултат на внатрешните раздори и поделби.

Музиката за претставата ја компонираше Горан Трајковски, а драматург на проектот е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска. Актерската екипа ја сочинуваат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска-Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески, заедно со младите учесници Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.