Клубот има цел да ја освои шампионската титула во македонското првенство и да стигне што подалеку во евро-куповите, а во блиска иднина и пласман во Групната фаза.

Досегашните промени во работата на клубот веќе даваат резултати. Освоено е второто место оваа сезона. За големиот скок на табелата и забележувањето значајни резултати во натпревари со големи клупски имиња, придонесоа новата сопственичка структура и раководењето со тимот од страна на Олгун Ајдин.

– Изминативе неколку сезони нè уверија дека Шкупи има голем квалитет, капацитет а со тоа и потенцијал за постигнување навистина значајни резултати во меѓународни натпревари. Со цел да го максимизираме тој потенцијал започнавме една интензивна програма со инвестирање во нови играчи и во вредни трансфери, како и во подобрување на условите за тренинг и подготовка на играчите. Играчите се суштината на фудбалот, а наша задача како управа на клубот е да им обезбедиме средства и поле за нивниот потенцијал и талент да дојде до израз. Тоа се случува во ФК Шкупи во изминатиов период и во истата насока ќе продолжиме и понатаму се додека Шкупи не го ставиме во центарот на европските фудбалски имиња, вели Ајдин.

Договорите со двете нови имиња кои ќе бидат дел од ФК Шкупи се веќе потпишани, младинскиот репрезентативец, левокрилен дефанзивец Блертон Шеји од Струга и Томе Китановски од Ѓорче Петров. За следниот период менаџментот на Шкупи најавува и нови трансфери кои се очекува да бидат потпишани пред почетокот на Лигата на конференции, а исто така и за новата сезона 2021/22 се договараат уште нови трансфери на странски фудбалери кои ќе играат во Шкупи.

Една од најзначајните промени со коишто ФК Шкупи ќе придонесе за зголемувањето на спортската култура и засилување на фудбалските потенцијали на државата е формирањето на Академија за млади фудбалери, инвестиција на клубот.

– Академијата за млади фудбалери ќе биде капитална инвестиција, која ќе помогне во препознавање, развој и формирање на идните млади фудбалери. Почетокот на проектот ќе биде наскоро така што новите генерации фудбалери на ФК Шкупи ќе имаат најдобри услови за учење, тренинг и напредување. Веруваме дека овој проект ќе го подигне фудбалот на највисоко ниво во нашата земја, што ќе биде една од најголемите инвестиции во нашите фудбалски академии, дополнува Ајдин.

Моментално интензивно се работи на целосна реконструкција на стадионот на Шкупи, каде е поставена нова ВИП трибина со капацитет од 1800 гледачи. ФК Шкупи, исто така, како прв клуб во Македонија ќе воспостави систем и ќе започне практика на одржување редовни конференции за медиуми после секој натпревар, со цел информирање на јавноста за случувањата во клубот но и со цел поттикнување на мотивираноста на играчите и подигнување на вербата во успехот на клубот, онака како што практикуваат да работат сите европски фудбалски клубови.