Шпанија и Мароко сакаат заеднички да ги обесхрабрат мигрантите илегално да го преминуваат Медитеранот кон Шпанија, со засилена репатријација на илегалните имигранти од Шпанија кон африканскиот континент, како главна актуелна пречка, пренесе ДПА.
Репатријацијата е важен елемент за обесхрабрувањето на луѓето, смета шпанскиот државен секретар за безбедност Рафаел Перез.
-Ова ќе биде од корист и за борбата против шверцерите, рече Перез на состанокот на двете земји во Рабат, главниот град на Мароко, пренесе ДПА.
Дополнително, договорено е продолжување на заедничките патроли покрај брегот на двете земји, што беа прекинати за време на пандемијата на коронавирусот, соопшти денеска шпанскиот весник „Ел Паис“.
Новиот контакт меѓу претставниците на двете земји стана возможен откако Шпанија попушти во деценискиот спор.
Мадрид сега го поддржува планот на Мароко, поранешната шпанска колонија Западна Сахара да стане автономна провинција под марокански суверенитет, каде движењето Полисарио се бори за независност.
Според УНХЦР, додаде ДПА, до 1 мај само годинава во Шпанија пристигнале вкупно 10.452 нелегални имигранти. Повеќето од нив пристигнале од Северна и Западна Африка до Канарските Острови, кои им припаѓаат на Шпанија. Во меѓувреме, 3.708 мигранти пристигнаа во Шпанија преку нејзините северноафрикански енклави Сеута и Мелила.