Германскиот министер за дигитална администрација Карстен Вилдбергер изјави дека членовите на Бундестагот и сојузната влада добиле официјални предупредувања од компанијата „Епл“ дека нивните телефони „Ајфон“ можеби биле цел на напад со шпионски софтвер. Информацијата следува по серија сигнали за потенцијално нарушување на безбедноста на владините комуникации.
Вилдбергер потврди дека пристигнало известување за можно компромитирање на конкретни уреди. Според информациите од Федералната канцеларија за безбедност на информациите (БСИ), предупредувањата почнале да стигнуваат кај засегнатите функционери уште на 29 октомври, со наведување дека технолошката компанија детектирала напад преку специјализиран софтвер за надзор.
Надлежната служба БСИ реагирала веднаш и ги известила сите таргетирани лица, доставувајќи им прецизни безбедносни упатства за заштита. Официјално не се соопштува точниот број на министри и пратеници што ги добиле известувањата, ниту нивниот идентитет.
БСИ ги советуваше сите засегнати превентивно да претпостават дека уредите им се компромитирани, со оглед на тоа што автоматските предупредувања не утврдуваат дали неовластениот упад бил целосно успешен.
Според техничките проценки на службата, ваквиот шпионски софтвер им овозможува на напаѓачите неовластен пристап до пораки, вклучително и преку енкриптирани апликации, телефонски разговори, контакти, календари и географска локација, а може од далечина да ги активира микрофонот и камерата.
Засега ниту компанијата „Епл“ ниту германските безбедносни институции немаат објавено официјални сомнежи за тоа кој стои зад организираниот кибер-напад.
