Штета на државниот буџет од 94,3 милиони евра преку организирана мрежа за даночна измама
Штета на државниот буџет во износ од 94,3 милиони евра е нанесена од организирана криминална група, информира Министерството за внатрешни работи. До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава против Р.К. (56) – Крмзов и 22 лица од Струмица, како и против 15 правни субјекти.
Кривичната пријава е резултат на заедничка акција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција, Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи.
Фалсификувани фактури, фиктивни управители и институционална вклученост
Пријавените Р.К., З.К.В. (30) и В.П. (29) во 2019 година, според сомненијата, организирале злосторничко здружување. Подоцна се приклучиле и управители на фирми, инспектори од УЈП и овластени сметководители, меѓу кои: Г.Т., Д.М., П.К., В.К., K.С., К.М., Н.Ф., С.П., С.М., Л.К., Л.Б., С.Т., М.П., Ј.Т., Ј.Г., А.К., М.К., М.М., Е.Т. и З.М.
Од 2019 до 2024 година, групата управувала со правни лица – дел основани на имиња на членови, дел фиктивно водени, но контролирани од организаторите. Се издавале и заверувале фактури со невистинита содржина, за непостоечки промет на добра и услуги, без реални банкарски трансакции.
Сметководители и инспектори од УЈП, исто така пријавени, помагале во извршување на дејствијата со свои службени активности.
Противправна корист од над 94 милиони евра, процесуирани и 15 фирми
Со ваквите активности, осомничените стекнале противправна имотна корист од 5.801.937.796 денари, односно околу 94,3 милиони евра. Така е предизвикана директна штета на државниот буџет, стои во соопштението на МВР.
За делата „злосторничко здружување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“, „даночна измама“ и „несовесно работење во службата“ се теретат и 15 правни лица од Струмица. Обвинителството ќе постапува по пријавата, додека истрагата продолжува.