„Ако има за вас треба да има и за нас“, „Линеарно покачување на пензиите, од 3500 денари нема отстапување“, „Навредливо, во 21 век пензионерите да протестираат за своите права“ – со транспаренти штипските пензионери и денеска излегоа на мирен протест не откажувајќи се од своите барања. Соња Арсовска член на организациониот одбор за протести, вели линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари бараат за подостоинствен живот.
-Иако во години, ниту сме слепи, ниту сме глуви за да ги видиме сите криминали, сите тендери кои се прават во четири очи. Не треба да бидеме навредени, понижени и сиромашни во оваа трета доба од нашиот живот. За достоен живот на сите пензионери, изјави Арсовска.
Денеска уште еднаш побараа поголема масововност на протестите со цел да може да успеат во своите барања. Наредниот протест е закажан за во петок во 10 часот со повик да се вклучат што е можно повеќе пензионери.
-Ние треба да бидеме масовни и да излеваме, сакаме да добиеме, а друг да ни трча. Една птица пролет не прави, илјада птици прават пролет, додадоа пензионерите.
Достоинствено како што започнаа штипските пензионери го завршија денешниот мирен протест за линеарно покачување на пензите.