По многуте протести на пензионерите, блокирани улици и градови ширум целата држава владата конечно имаше слух за дел од нивните проблеми со новиот пакет антикризни мерки. Во наредните пет месеци ќе добиваат еднократна парична помош, но се надеваат дека по истекот на мерките, Владата позасилено ќе работи на прифаќање на нивните предлози.
Пред само еден месец во Скопје иамше голем „пензионерски бунт“. Пензионери од цела Македонија дојдоа пред Владата, но и пред Амбасададата на САД, за да го изразат своето незадоволство од игнорантскиот однос на Владата. Тие ги повторија барањата за линеарно зголемување на пензиите за по 5 илјади денари, а минималната пензија да биде 20 илјади денари. Но, тогаш ова беше залудно бидејќи не ги прими никој.
Со антикризните мерки се покажува сериозна одговорност и почит кон највозрасната популација во земјава. Ова по средбата со премиерот Ковачевски го истакнаа од Сојузот на здруженијата на пензионери.
Премиерот Ковачевски посочи дека пензионерите што имаат најниски примања ќе добиваат најголема финансиска помош. Тој вели дека буџетот за пензии в година ќе биде најголем и ќе тежи 1,36 милијарди евра.
Со деветтиот пакет антикризни мерки тежок 662 милиони евра го заштитивме животниот стандард и на пензионерите, рече премиерот Ковачевски.
Додека од Сојузот на здруженијата на пензионери беа на средба со Ковачевски, расте незадоволството кај пензионерите кои со месеци протестираат барајќи линеарно покачување на примањата. Тие се уште се на барањето за линеарно покачување на пензиите за 5000 денари.
Оваа мерка на владата дополнително не наиде на големо задоволство кај пензионерите, знаејќи дека трошоците за живот секојдневно растат.