Вработените во јавниот сектор, просветните и здравствените работници, како и студентите и учениците, масовно учествуваат во денешниот 24-часовен штрајк во Грција. Протестот е организиран од Синдикатот на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и синдикатот ПАМЕ, а ја ужива поддршката од низа федерации, работнички центри и синдикални здруженија, поради што земјата денеска целосно остана без поморски сообраќај.

Од АДЕДИ преку штрајкот категорично бараат да се стави крај на осиромашувањето на граѓаните и да се спроведат соодветни политики што ќе дадат суштински одговори на сериозните економски, работнички и социјални проблеми со кои се соочуваат вработените.

Дополнително, на листата барања се наоѓа враќањето на 13-тата и 14-тата плата, суштинско покачување на месечните примања и масовно вработување постојан кадар со главен фокус на здравството, образованието, локалната самоуправа, социјалните служби и социјалното осигурување. Синдикатите бараат и целосно вработување на сите хонорарци, поголеми буџетски распределби за здравството и образованието, конкретни чекори против поскапувањата, како и укинување на данокот на додадена вредност за храната и основните прехранбени артикли.

„Нашата сила е во единството, солидарноста и масовното учество. Со колективност и одлучност можеме успешно да го бараме она што ни припаѓа“, посочија од синдикатот и упатија апел за масовност на сите најавени протестни собири.

Организирани преку своите струкови здруженија и гранкови федерации, во прекинот на работните процеси учествуваат просветните работници, лекарите, медицинските сестри и болничкиот кадар, заедно со учениците и студентите.

Патничките бродови и фериботите остануваат закотвени на грчките пристаништа, а сериозни потешкотии се забележани во јавниот превоз во Атина, каде што вработените во метрото и трамвајските линии реализираат неколкучасовни прекини и сообраќаат исклучиво во интервалот од 9 до 18 часот.

Авиосообраќајот се одвива без никакви пречки бидејќи претходно најавениот штрајк на Федерацијата на здруженијата на Службата за цивилно воздухопловство беше прогласен за незаконски со одлука на Основниот суд во Атина по поднесена тужба.

Во протестните активности не учествува Синдикатот на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), па затоа штрајкот не го опфаќа целокупното стопанство. Во текот на денот се одржуваат масовни протестни маршови во главниот град Атина и во над 40 други градови низ цела Грција.