Сојузната влада на Швајцарија одлучила да го забрани палестинското исламистичко движење Хамас со предлог-закон доставен до парламентот, се вели во соопштението објавено денеска.
Федералниот совет (владата) „одлучи да подготви закон со цел забрана на Хамас. Смета дека оваа опција е најдобро решение како одговор на ситуацијата што владее од 7 октомври на Блискиот Исток и на нападот без преседан на исламистичкото движење на израелска територија.“
Четири дена по овој напад, во кој загинаа 1.200 луѓе на израелска страна, главно цивили, а 240 заложници беа однесени во Газа, Федералниот совет „процени дека Хамас треба да биде прогласен за терористичка организација“.
„Овој закон ќе им даде на федералните власти соодветни алатки за борба против можните активности на Хамас или поддршка за организацијата во Швајцарија“, објасни владата во соопштението за печат.
Позициите заземени од главните партии во земјата оставаат малку сомнеж за исходот од гласањето.
УДЦ (радикалната десница), водечката партија во земјата која дополнително ја зацврсти својата позиција на парламентарните избори на 22 октомври, силно ја побара оваа мерка, како и еврејските организации во земјата.
Европската унија и САД, меѓу другите, веќе го означуваат Хамас како „терористичка организација“.
По нападот на 7 октомври, Израел одговори со немилосрдно бомбардирање на Газа.