Пораки за процесот на членство и предизвиците на земјите кандидати
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ одржаа заедничко предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, посветено на евроинтеграциите. Пред студентите и професорите тие зборуваа за условите и пречките на патот кон членство во Европската Унија.
Во своите излагања, двајцата нагласија дека пристапувањето не зависи само од внатрешните реформи, туку и од политичката волја на Европскиот совет, кој одлучува со консензус.
Четири сценарија за евроинтеграција
Милатовиќ го претстави процесот преку четири можни сценарија. Првото се однесува на неуспех на државата да ги искористи механизмите за институционална и демократска консолидација, што носи негативни последици и за државата и за Европската Унија.
Второто сценарио подразбира реформски напредок без соодветна политичка поддршка од соседите и од Унијата, што води кон стагнација и намалување на јавната доверба.
Третото сценарио вклучува формална геополитичка поддршка без суштински реформи, што ја доведува во прашање одржливоста на процесот. Како најпосакуван модел, тој го истакна сценариото со интензивни реформи проследени со забрзан напредок кон членство.

Историски контекст и предизвици за Македонија
Сиљановска-Давкова го разгледа евроинтеграцискиот процес низ поширок историски и вредносен контекст. Според неа, европската интеграција не е само економска, политичка и правна цел, туку и цивилизациска определба заснована на вредности и принципи.
Таа го поткрепи ставот со примери од Грција, Шпанија и Португалија, каде членството во Европската Унија придонело за демократизација и стабилизација.
Слично како и Милатовиќ, таа оцени дека членството зависи од реформскиот напредок, но и од политичкото препознавање на тие резултати.
Во своето излагање, таа се осврна на долгогодишниот кандидатски статус на Македонија, кој трае од 2005 година, посочувајќи дека процесот често бил условуван со прашања поврзани со историјата и културата, наместо со меритократски критериуми.
Според неа, анализите покажуваат дека Македонија е поподготвена од повеќе други кандидати за почеток на преговори. Таа потсети и на бројните уставни измени, за кои, како што рече, изостанале ветувањата од Европската Унија.
Отсуството на правни гаранции дека станува збор за последно политичко барање, според неа, создава ризик од губење на реформската енергија и пренасочување кон историски и културни прашања, наместо кон усогласување со европското право.
Сепак, таа нагласи дека членството останува стратешка цел и дека треба да се искористи актуелниот моментум.
„Европската унија, низ призма на актуелната геополитичка состојба, мора да го перцепира проширувањето како најважно безбедносно прашање. Европскиот совет е соочен со наоѓање модус за брза и целосна интеграција на Западниот Балкан во Унијата, ако сака навреме да го заштити регионот од сериозни закани, од една страна, но и европската безбедност, од друга. Крајно време е реториката за европската перспектива да се замени со реална политичка поддршка на Западниот Балкан од страна на Европската Унија“, порача Сиљановска-Давкова.
По предавањата, студентите поставија прашања поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата, односот меѓу политиката и меѓународното право, како и заедничката надворешна и безбедносна политика со Европската Унија. Се дискутираше и за опасноста од раст на евроскептицизмот во македонското и црногорското општество.
