Долгиот пат на Македонија кон Европската Унија и условите со кои земјата се соочува во евроинтегративниот процес биле во фокусот на средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со делегација на Сенатот на Француската Република. Таа порача дека Франција е важен пријател и партнер на македонскиот европски пат, додека француската страна ја потврди поддршката за членство во ЕУ врз основа на заслуги.

Француската делегација ја предводеше Марта де Сидрак, претседателка на Групата за пријателство Франција–Западен Балкан. Во нејзиниот состав беа сенаторите Арно Базен, Ален Милон и Лоранс Арибе, советникот Гијом Рендино и францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер.

Сиљановска-Давкова ја поздравила посетата на француските сенатори и активното ангажирање на Групата за парламентарно пријателство во поддршката на регионот на патот кон ЕУ. Таа ја нагласила важноста на континуираниот политички дијалог и парламентарната соработка, во духот на принципите и вредностите утврдени во основачките акти.

Претседателката оценила дека македонскиот пат кон Брисел е неприродно и нелогично долг и дека, наместо преку исполнување на Копенхашките критериуми, минувал преку метрополите на соседните земји членки на ЕУ. Според неа, Македонија се соочувала со пречки и услови од идентитетска, наместо од реформска природа.

Таа потсетила дека Бадентеровата комисија уште во 1992 година позитивно ја оценила усогласеноста на македонскиот Устав со Европската конвенција за човекови права и со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата. Во 2022 година, како што посочила, Венецијанската комисија во мислењето за Законот за употреба на јазиците констатирала дека земјата има повисоки стандарди за заштита на малцинските права од европските.

„Исто така, претседателката посочи на македонскиот евроинтеграциски парадокс, кога, по десетина позитивни годишни извештаи за почитување на правата на заедниците, за прв пат, во 2023 година, во Извештајот на бугарскиот пратеник Илхан Ќучук се констатира потребата од внесување на Бугарите во нашиот устав, врз основа на вториот записник/протокол на Македонско-Бугарската комисија за историски и образовни прашања, потпишан од министерот Османи и министерката Генчовска, иако во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, таква одредба нема.

Таа прашува: може ли со записник/протокол, двајца министри да „амандманираат“ билатерален договор; може ли услов од записник да стане дел од Заклучоците на Советот, а тоа да не се проблематизира и спори; може ли некоја држава да бара од друга промена на уставот, а да се заборави на филозофијата на Договорот за ЕУ, односно одредбите за почитување на: националниот и културниот идентитет на државите и нациите, уставните и политичките структури, интегритетот и дигнитетот на граѓаните; може ли некој во демократска држава да гарантира уставни измени, кога пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување?“, соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова по средбата.

Според претседателката, членот 48 и амандманот VIII од македонскиот Устав ги гарантираат малцинските права не само на заедниците наброени во Преамбулата, туку и на „другите“. Таа направила споредба со бугарскиот Устав, за кој посочила дека, освен антидискриминаторската клаузула од членот 6, не содржи друга гаранција за малцинските права.

Сиљановска-Давкова потсетила и дека Венецијанската комисија во мислењето од 2008 година ѝ препорачала на Бугарија да го направи тоа преку уставна измена. Таа го отворила и прашањето за односот на Софија кон пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во кој Бугарија има и свој судија.

Претседателката на Групата за пријателство Франција–Западен Балкан, Марта де Сидрак, изразила разбирање за положбата во која се наоѓа Македонија и ја потврдила француската поддршка за нејзината европска перспектива. Таа нагласила дека земјите од Западен Балкан заслужуваат членство во Европската Унија врз основа на мерит-системот.

Де Сидрак изразила уверување дека Групата за пријателство Франција–Западен Балкан ќе продолжи да ги негува дијалогот, европските вредности и наследството на нејзиниот основач Робер Бадентер.