Силна бура проследена со обилни дождови и опасни налети на ветер утрово погоди делови од Словенија, а невремето потоа се прошири и кон Хрватска. Дожд паѓаше во Риека, силен ветер дуваше во Загреб, а метеоролошките предупредувања остануваат во сила.

Во Словенија најсилните налети биле регистрирани во планинските предели. На метеоролошката станица Канин ветерот достигнал брзина од 103 километри на час, додека на станицата Љубљана – Бежиград околу 12 часот бил измерен налет од 91 километар на час. По должината на брегот ветерот достигнувал брзина од околу 50 километри на час.

Бурниот појас продолжува да се движи кон исток, а портокалово метеоролошко предупредување за југозападниот дел на Словенија е во сила до вечерва.

Поради последиците од невремето, неколку стотици корисници во областите Домжале, Литија и Камник останале без електрична енергија.

Пожарникарските екипи интервенирале поради последиците од силниот ветер во Брезовица, Домжале, Грошупље, Хорјул, Комен, Лашко, Литија и во Љубљана.

На социјалните мрежи било објавено и видео снимено во љубљанскиот Табор, на кое се гледа како велосипедист за малку избегнал да биде погоден од парче дрво што паднало за време на бурата.

Силни ветрови се очекуваат и во текот на вечерта. Центарот за информации за сообраќајот им препорачува на возачите да ги приспособат брзината и начинот на возење на моменталните услови на патиштата.

Паднати дрвја ја зафатиле и железничката инфраструктура, поради што за сите возови на линијата Литија – Трбовље и во обратна насока е организиран заменски автобуски превоз. Ваквиот режим ќе важи до понатамошно известување.

Во текот на ноќта од исток се очекува да пристигне студен фронт, додека во повисоките слоеви на атмосферата ќе продолжат да дуваат југозападни ветрови. Фронтот ќе се задржи над Словенија до петок наутро.

Поради прогнозите за пообилни врнежи, Геолошкиот завод на Словенија предупреди на зголемена опасност од лизгање на земјиштето. Ризикот е особено изразен во југозападните и западните делови на земјата.

Бурното време во меѓувреме стигна и во Хрватска. Во Риека падна обилен дожд, во Загреб дува силен ветер, а најизразено невреме се очекува во северниот дел на Јадранското Море.

Радарските снимки покажуваат широка линија на врнежи што се протега од Словенија, преку централна Хрватска, до Кварнер и северниот дел на Јадранското Море. Најсилниот систем со грмотевици се наоѓа над подрачјата на Загреб и Карловац и се протега кон Риека и островите.

Во рамките на оваа линија е регистрирано и исклучително интензивно јадро, поради што локално се можни поројни врнежи, силни налети на ветер и големи количества дожд за краток период. Системот постепено се движи кон исток и југ.

За регионот на Риека, кој ги опфаќа Истра и Кварнер, портокалово метеоролошко предупредување е во сила денеска и утре.