Одложување на Пописот не е опција и покрај тоа што во моментов не се пријавиле доволен број реонски попишувачи, рече вчера Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика, во емисија на Канал5. Притоа тој предупреди дека сите што ќе одбијат да се попишат ќе трпат санкции, затоа што пописот е обврска.
– Мораме сите да сфатиме дека ова е задолжителна активност. Ова е законска обврска, ова не е право, ова е обврска и мораме да бидеме дел од овој процес. И тоа е секаде во светот, не сме ние исклучок. Секој оној што ќе се обиде, било од која причина, под услов ние да ги запазиме сите пропишани протоколи коишто ги имаме за начинот на попишувањето, ако некој одбие да биде попишан, а сите протоколи се испочитувани, тогаш ќе сноси последици. Законот предвидува прекршочна одговорност и тука нема дилеми ниту пардон за никого, рече Симовски.
Тој информираше дека сите попишувачи ќе носат заштитна маска, повеќето ќе бидат вакцинирани, а ќе може да се попишува и надвор од домовите, односно пред зграда или во двор.
– Денес имаме бунт во државата затоа што невакцинирани граѓани не можат да влезат во кафеана, а велат дека нема да го примат попишувачот ако не бил вакциниран. Ако тој попишувач не носи маска на себе, не ги запазува протоколите, тогаш апсолутно треба да биде пријавен и ќе биде најстрого казнет. Таква работа носи и кривична одговорност. Меѓутоа, ако ги почитува критериумите, а луѓето одбиваат да се попишат, тогаш тие ќе си ги сносат последиците, додаде тој.