Сириецот Ахмад Идрис изгуби 25 члена од своето семејство во силниот земјотрес од 7.8 степени, кој ги погоди Сирија и Турција. Тој денеска ги посети телата на своите најблиски во мртовечницата.

Идрис вели дека повеќето членови од неговото семејство загинале во Саракиб, Сирија.

„Судбината нè стигна“, рече Идрис, за „Скај њуз“.

Идрис и неговото семејство побегнале од татковината за да најдат засолниште во Саракиб во 2012 година, кој сириската армија го вратила во 2020 година, пишува „Јутарњи.хр“

„Бегавме од војната. Видете ја неправдата што нè прогонува и што ни се случи. Дојдовме овде да најдеме безбедно засолниште за нас и нашите деца. Но, на крајот, погледнете каква судбина нè зафати овде“, вели тој.

Бројот на загинати во двете земји е скоро 20.000, а проценките велат дека под урнатините можно е да има 180.000 луѓе.

Сеизмолог тврди дека ако вака силен земјотрес ја погодеше Англија, таа ќе се поделеше на два дела.