По прекинот на блокадите од Будимпешта, европските лидери настапија со единствен став
Лидерите на сите 27 земји-членки на Европската Унија на самитот во Брисел усвоија заеднички заклучоци за поддршка на Украина, што е првпат од март минатата година ваков документ да добие едногласна поддршка.
Во изминатиот период, усвојувањето на заеднички текстови беше блокирано од тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан, поради што останатите членки носеа заклучоци поддржани од 25 или 26 држави. Во одредени случаи, на Орбан му се приклучуваше и словачкиот премиер Роберт Фицо. Со промената на власта во Унгарија и доаѓањето на Петер Маѓар на премиерската функција, таа практика е прекината.
Сите 27 лидери стојат заедно зад Украина
„Денес сите 27 лидери стојат заедно, обединети и посветени на поддршката за Украина. Напредуваме во пристапните преговори, ја зајакнуваме украинската одбрана преку нашите финансиски механизми и го зголемуваме притисокот врз Русија со нови санкции. Нашата стратегија функционира“, напиша претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на социјалните мрежи.
Во усвоените заклучоци, Европскиот совет повторно ја потврдува „цврстата и непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.
Санкциите против Русија продолжени за уште една година
Европските лидери оценија дека руската војна против Украина останува егзистенцијален предизвик за Унијата и нагласија дека европската одбранбена подготвеност мора значително да се зајакне до 2030 година.
Истовремено, ЕУ ги продолжи санкциите против Русија за дополнителни 12 месеци. Ова е првпат секторските санкции да бидат обновени за период од една година, наместо досегашната практика тие да се продолжуваат на секои шест месеци.
