Епидемиолошката состојба во Словенија продолжува да се влошува, поради што владата на Јанез Јанша на посебна седница во текот на денот ќе одлучува за неопходните мерки, но медиумите наведуваат дека владата е поделена околу тоа дали да воведе строго затворање или да се прибегне кон поблаги рестриктивни мерки.

Од 9.961 тестови, потврдени се 3.771 инфекции, со удел на позитивни тестови од 37,9 отсто, објави во петокот Националниот институт за јавно здравје.

Ова е нешто помалку новозаболени во споредба со претходниот ден, кога беа регистрирани рекордни 4.511 случаи, но сите други податоци покажуваат дека растот на четвртиот бран на епидемијата продолжува.

Просекот на потврдени инфекции во еден ден за минатата недела е 2.683, 14-дневната инциденца е 1.604, починале уште девет пациенти, а бројот на вакцинирани стагнира на 53,2 отсто од вкупното население.

Состојбата во болниците, според епидемиолозите, укажува дека владата треба веднаш да ја „повлече рачната сопирачка“ во форма на карантин и повторно да прогласи епидемија, бидејќи во спротивно ќе има „колапс на здравствениот систем“, пренесуваат словенечките медиуми во петокот.

Во болниците во моментов има 735 пациенти, од кои 169 се на одделенијата за интензивна нега. Во последните 24 часа во болниците се примени 131 нови пациенти, а 57 се отпуштени дома, покажуваат новите податоци на Министерството за здравство.

Словенечката влада попладне ќе одлучува за нови мерки. Но во владата има поделби меѓу професијата и политиката како да се стави под контрола актуелната состојба, тврдат медиумите.

Главната дилема, наводно, е дали да се донесе одлука за строго затворање на сите активности, како што беше на сила пролетта, или да се прибегне кон поблаги ограничувања како што се скратување на работното време за услужни дејности, работа од дома за јавниот сектор, дополнително ограничување на собири.

Според епидемиолозите, затворањето и повторното прогласување на епидемијата е единственото решение бидејќи состојбата рапидно се влошува, а до крајот на следната недела на одделенијата за интензивна нега ќе има околу 200 тешко болни пациенти, што би предизвикало колапс на здравствениот систем и трансфер на пациенти во странство, пренесуваат утрово словенечките медиуми.

Според нив, со тоа се согласува и министерот за здравство Јанез Поклукар, кој наводно се заканил дека ќе поднесе оставка доколку владата се двоуми за одлучни мерки. На заклучувањето, пак, се спротивставуваат министрите кои ги застапуваат интересите на економијата, тврдејќи дека тоа би предизвикало голема штета и дека доколку затворањето се повтори, тоа би значело повторно обезбедување средства за субвенции за оние кои нема да можат да работат.

Според неофицијални информации, Министерството за здравство веќе стапило во контакт со колегите во Италија, Унгарија, Австрија и Германија во врска со можното испраќање пациенти од одделенијата за интензивна нега во тие земји, но меѓународна помош во овој поглед може да се побара само доколку се прогласи епидемија.