Поранешната шефица за надворешни работи на Европската Унија, Федерика Могерини, и уште две лица се ослободени по сослушување во рамките на истрага за измама. Тоа го соопшти Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO). Тројцата осомничени биле запознати со обвиненијата што ги опфаќаат измама во јавни набавки, корупција, судир на интереси и нарушување на професионална тајна. Одлуката за нивно пуштање е донесена бидејќи не се сметаат за ризик од бегство.

Белгиската полиција претходно спроведе претреси во дипломатската служба на Европската Унија (EEAS) во Брисел, како и во Колеџот на Европа во Бриж. Претреси биле извршени и во домовите на осомничените. EEAS и Колеџот на Европа се во фокусот на истрага. Тоа е по сомнежи за нерегуларности поврзани со курс за обука за дипломати финансиран од ЕУ.

Могерини, која е поранешна италијанска министерка за надворешни работи, моментално ја води Дипломатската академија на Европската унија и е ректорка на Колеџот на Европа. Претходно беше на чело на EEAS. Според белгиските медиуми, другите двајца осомничени се поранешен генерален секретар на EEAS, Стефано Санино и заменик-директор на Колеџот на Европа.

EPPO соопшти дека EEAS му го доверил на Колеџот на Европа спроведувањето на програма за обука на помлади дипломати на ЕУ по тендерска постапка. Истрагата е насочена кон утврдување на тоа дали универзитетот или негови претставници однапред биле информирани за критериумите за избор. Исто така, дали проектот ќе им биде доделен пред да биде објавен тендерот.

Колеџот на Европа соопшти дека целосно ќе соработува со надлежните органи. EPPO посочи дека постојат „силни сомневања“ за прекршување на финансиските правила и за оддавање доверливи информации. Но подвлече дека сите инволвирани лица се сметаат за невини сè додека вината не им биде докажана во законска постапка.