Скопје на 19 и 20 септември повторно ќе биде домаќин на најдобрите европски и светски џудисти во рамките на Европскиот куп во џудо за сениори – Скопје 2026. Според последните податоци на Џудо федерацијата на Македонија, досега се пријавени повеќе од 440 натпреварувачи од над 40 држави и четири континенти.
Бројот на пријавени натпреварувачи е значително поголем во споредба со минатиот Европски куп во Скопје, на кој учествувале околу 300 џудисти. Од Федерацијата оценуваат дека овие бројки потврдуваат оти светската џудо-елита го препознава Скопје како сериозен и квалитетен домаќин.
„Слободно можеме да кажеме дека овој натпревар ги надминува сите наши очекувања, бидејќи бројката на натпреварувачи не само што е значително поголема од истиот ваков настан кај нас, туку е поголема и од сите европски купови во кој било град низ Европа. Да додадам и дека своето доаѓање го најавија најдобрите европски и светски џудисти, бидејќи резултатите ќе се бодуваат и за Олимписките игри, така што секој ќе настојува да постигне што подобар пласман“, изјави претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпановски.
Тој додаде дека на турнирот ќе присуствуваат и водечките претставници на европското џудо, а шест амбасадори веќе најавиле дека ќе ги следат борбите.
„Доаѓаат првите луѓе на европското џудо, најавени се веќе шестмина амбасадори кои сакаат да ги следат борбите, така што очекуваме врвен џудо-настан“, рече Трпановски.
Од Џудо федерацијата истакнуваат дека натпреварувањето не претставува само уште еден голем спортски настан, туку и резултат на посветеноста, професионалноста и организацијата на Федерацијата, која преку меѓународните натпревари го гради имиџот на земјата на европската и светската џудо-сцена.
Меѓу најбројните селекции пријавени за турнирот во Скопје се Русија, Германија и Италија, кои ќе настапат со по повеќе од 50 натпреварувачи.
Натпреварувањето го носи името Европски куп бидејќи се одржува на територијата на Европа, но право на настап имаат џудисти од сите континенти.
