Силни резултати и раст на патници

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека скопскиот и охридскиот аеродром бележат значителен раст и дека Македонија се позиционира како еден од лидерите во регионот.

„Македонските аеродроми остануваат лидери во регионот, владините политики како одговор на глобалните предизвици“, порача Николоски.

Тој истакна дека Меѓународниот аеродром Скопје бележи раст од 32 отсто споредбено со истиот период минатата година.

„За оваа година од понудените преку 390 илјади нови седишта, заради влијанието на конфликтот на Блискиот Исток има намалување за околу 6 илјади седишта, но и покрај ова останува високо рангиран во регионот“, пренесува специјализираниот авио портал “EX-YU Aviation News”, стои во објавата.

Во првите месеци од годината, аеродромите бележат раст од околу 30 отсто по број на патници и околу 20 отсто по број на операции.

Нови линии и инфраструктурни инвестиции

Николоски информира дека годинава се воведени нови линии од Скопје кон Неапол и Будимпешта, како и од Охрид кон Милано и Братислава.

„Во текот на месец јули од Охрид започнуваат линиите кон Катовице и Вроцлав, а од Скопје кон Палермо и Алгеро“, изјави тој.

Тој додаде дека за речиси две години се воведени 24 нови авиолинии кон европски центри, што го оцени како рекорден резултат.

„Развојот на авиосообраќајот останува меѓу приоритетите на Министерството за транспорт и тоа го докажуваме со реализација на проектот за реконструкција, надградба и проширување на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид“, рече Николоски.

Очекувања за раст и стабилна состојба со горивата

Николоски очекува бројот на патници да надмине 3,5 милиони годинава, а следната да достигне до 4 милиони.

„Ова е резултат на актуелниот модел на привлекување на авиолинии“, изјави тој.

Во однос на горивата, тој посочи дека состојбата е стабилна и дека авио сообраќајот се одвива непречено.

„Во однос на актуелните состојби со горивата, Македонија има стабилна состојба, во континуитет се врши координирање со сите институции и засега авиосообраќајот се одвива непречено“, додаде Николоски.