СДС се занимава со туѓи избори наместо со сопствената партија

СДС и Венко Филипче „стануваат сè поарогантни и целосно отуѓени од реалноста“, се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата тврдат дека „не се соочуваат со сопствените слабости, и покрај реакции од јавноста дека Филипче ја води партијата во бездна, и покрај тоа што нивни, сега поранешни, членови и функционери јавно се огласуваат за истото“.

Во реакцијата се посочува дека по изборите во Унгарија СДС „очајнички бара некаква утеха, занимавајќи се со избори во друга држава и туѓи политички приказни“.

„Филипче на пример, се однесува како тој лично да има удел во победата на таа партија. Од друга страна, сестринската партија на СДС, на истите тие избори доживеа дебакл“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека „за тоа досега нема коментар“, обвинувајќи дека СДС нема став за сопствените проблеми, но има за „сè останато“.

Обвинувања за ставови кон договори и надворешна политика

Во соопштението се спомнува и реакцијата на СДС за стратешкиот договор со Велика Британија.

„Филипче имаше коментар за стратешкиот договор со Велика Британија, дека наводно договорот бил договор за носење мигранти во земјава. Откако беа демантирани од сите релевантни институции, па дури и од британскиот амбасадор во земјава, останаа без коментар“, се наведува.

Од партијата додаваат:

„Владата преку тој договор ја постави Македонија рамо до рамо со големите светски сили. Ама јасно е дека на Филипче не му е дојдено до интересите на Македонија.“

Се спомнуваат и тарифите од САД:

„Потоа Филипче имаше коментар за тарифите од страна на САД, па кога Владата потпиша Заедничка изјава со САД и се намалија тарифите, немаше коментар.“

Критики за политичко однесување и внатрепартиски состојби

Во продолжение, ВМРО-ДПМНЕ оценува дека „СДС се скараа со сопартијци, оттурнаа поранешни функционери, влегоа во конфликт со медиуми и новинари, а сега веќе отворено иницираат кавги со други држави и нивни претставници во земјава“.

„Можат да се обидуваат да спинуваат, но бројките не можат да ги сменат“, стои во соопштението, каде се наведува дека „СДС се сведе на 130 илјади гласови по локалните избори“.

Партијата додава дека „најзагрижувачко е што ни ова не го вознемирува Филипче“, обвинувајќи дека преку ПР се гради наратив на „жртва и црни кампањи“.

„Никој освен Филипче не води црна кампања против СДС“, стои во реакцијата, каде се додава дека партијата „се однесува како Алиса во земјата на чудата“.

„СДС и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со партијата, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“, завршува соопштението.