Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески вели дека градоначалничката бара свикувања на итна седница на Советот на Град Скопје за вработувања кои не и биле дозволени претходно. Славески потенцира дека оправданост за таква седница нема и истата не е можна.
Лаги не се разобличуваат со лаги. За тоа кој или дали е под притисок е многу јасно. Под притисок е тој кој менува ставови и менува партии, рече советникот и претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески реплицирајќи на советниците кои спореа со неговиот начин на работа како прв човек на Советот на Град Скопје.
Славески објасни во кои случаи и на кој начин се закажуваат итните седници на Советот на Град Скопје.
„Не може да се прави или предлага дневен ред за итна седница со 17-18 точки. Во однос на наводно прекршување на Деловникот за работа на Советот на Град Скопје“, рече Славески.
Славески објасни дека имало барање за нови вработувања главно во јавните претпријатија на Градот и истите се доближуваат до илјада вработувања.
„Советот не даваше поддршка за вработувањата и сега градоначалникот повторно ги бара истите и тоа на итна седница, а тоа е нешто за што не добила поддршка претходно па сега го бара истото на вонредна седница“, кажа Славески.