Американските вооружени сили извеле нов напад врз брод во близина на брегот на Венецуела, под сомнение дека превезувал дрога, соопшти претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Во последните недели, нашата морнарица ја поддржува операцијата за елиминирање на картелските терористи од морето. Синоќа елиминиравме уште еден. Сега повеќе не можеме да ги најдеме на море – ќе мора да ги бараме на копно“, изјави Трамп.
Според официјалните податоци, американските сили досега извршиле пет напади во Карипското Море, при што загинале најмалку 21 лице. Администрацијата на Трамп ги означи членовите на нарко-картелите како „нелегални борци“ и воведе нов правен механизам за нивно третирање во рамки на „немеѓународен вооружен конфликт“.
Овој пристап, според правните експерти, е спорен, бидејќи употребата на воена сила против криминални групи во меѓународни води го заобиколува стандардниот судски процес. Досега ваквите операции во регионот ги изведуваше американската Крајбрежна стража, а не армијата.
Од Каракас остро реагираа на последните акции. Претседателот Николас Мадуро изјави дека Вашингтон има цел да го собори режимот, додека министерот за одбрана Владимир Падрино ги оцени нападите како „провокација и закана за националната безбедност“.
Москва, пак, ги осуди американските акции и предупреди на можност од ескалација на тензиите во Карибите.
Американските медиуми пренесуваат дека воените претставници разгледуваат нови опции – меѓу кои и напади со беспилотни летала врз лидери на нарко-групи и уништување на лаборатории во Венецуела.
Во рамки на операцијата, САД испратија 10 авиони F-35 во Порторико и осум воени бродови, како и нуклеарна подморница во регионот – најголемото распоредување во последните три децении.
Венецуела како одговор прогласи вонредна состојба, ги мобилизираше вооружените сили и најави мерки за заштита на стратешките објекти, со апел на Мадуро дека „суверенитетот на земјата можеби ќе треба да се брани од надворешна агресија“.