Советот на Град Скопје го усвои Буџетот за 2026 година

Советот на Град Скопје го усвои Буџетот за 2026 година без ниту еден глас против. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски оцени дека ова е доказ дека „кога има ред, визија и работа, ќе има и резултати“.

„Сакам искрено и од срце да се заблагодарам на сите советници кои го поддржаа“, истакна Ѓорѓиевски. Основниот Буџет на Град Скопје изнесува 5.201.600.000 денари, што претставува зголемување од 12,04% во однос на 2025 година. Капиталните инвестиции се зголемени на 1.787.000.000 денари, односно 34,4% од вкупниот буџет, што овозможува повеќе инфраструктурни зафати и конкретни резултати на терен.

„Ова значи повеќе проекти на терен и видливи резултати за граѓаните“, нагласи градоначалникот, додавајќи дека преку блок-дотациите од Министерството за образование и наука ќе се обезбедат средства за нови спортски терени, енергетски ефикасни фасади и подобрување на условите за работа и учење во средните училишта.

Поддршка за образование, култура и спорт

Буџетот за образование е зголемен за 7,5% во однос на 2025 година, а за првпат се обезбедуваат униформи за сите ученици од прва година, летен камп за учениците од социјално ранливи категории и награди за оние со исклучителни резултати.

„Преку овие мерки сакаме да обезбедиме подобри услови за учениците и да поддржиме талентите во спортот и образованието“, истакна Ѓорѓиевски.

Буџетот за култура изнесува 159.831.000 денари, повеќе од двојно во споредба со претходната година, со цел продолжување на проектот Европска престолнина на културата – Скопје 2028 и реконструкција на културните установи. За спорт се издвоени 26 милиони денари, што е 2,5 пати повеќе споредбено со 2025 година.

Инфраструктура, животна средина и јавни претпријатија

Градот инвестира во патната и сообраќајната инфраструктура, јавно зеленило, детски катчиња, паркови и фитнес справи. За експропријација се обезбедени 130 милиони денари за забрзување на реализацијата на булеварските решенија, додека за јавните претпријатија се предвидени средства за стабилизација и раздолжување.

„Ова почитувани е буџет на одговорност, развој и иднина. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане на нозе и да оди напред!“, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.