– Од тоа што најмногу стравувавме се чини и се случи, а тоа е големо потфрлање на родот на сливите и кајсиите. Тире пред крајот на минатата недела беа во екот на цветање, а неделниот снег надополнет со ноќните минусни температури, кои се бележат деновиве, ќе придонесат сливите и кајсиите да останат без род, Ние ќе останеме без планираните количества сливова ракија и други приходи што ги остваруваме од овие овошки, вели Миле Стојкоски, жител на едно село во регионот.

Овоштарите од регионот откако го загубија родот на сливите и кајсиите, сега целото внимание го насочуваат кон јаболката и крушите. Тие цветаат на почетокот од третата декада на месец април и очекуваат барем овие овошки да немаат толкава загуба.

– Со искуствата од претходните пет години, кога во екот на цветањето на крушите и јаболката, температурите во два вечери паднаа под нула и наместо да ги добиеме планираните количества јаболка и круши, ние се сведовме на по неколку гајби род и затоа сме во исчекување што ќе се случи кон крајот на април, вели овоштарот Томе Вељаноски.

Тој појаснува дека годините во овој регион како да се повторуваат и по релативно топлите зими, доаѓаат крајно променливи месеци март и април, кои придонесуваат родот на овошките да биде или многу помал или да биде со лош квалитет.

Според неговите зборови, глобалното затоплување го прави своето и од година во година природата го покажува својот непредвидлив карактер.