Попоски предупредува: Ризик за овошните култури и пониските предели
Според најновите ажурирања на Европскиот модел за Среднорочна прогноза (ECMWF), од 26 март 2026 година, Балканот се очекува да го погоди вистинска снежна бура.
Најпогодени ќе бидат Босна и Хрватска, каде на планинските места се предвидува снежна покривка до еден метар. Врнежи од снег ќе има и на помала надморска височина, проследени со бурен ветер. Температурите ќе опаднат за повеќе од 10, па дури и до 15 степени, што може сериозно да се одрази врз овошките кои се во фаза на цветање, предупреди метеорологот Славчо Попоски.
– „Барем од она што можам во моментов да го изјавам за јавноста, првата седмица од месец април ни носи многу поладно време од вообичаеното и исто така зимнско време со чести врнежи од дожд, снег и снежна покривка. Врнежи од снег ќе има и во делови од градовите ширум регионот“, изјави Попоски.
Прогноза за Македонија
И во Македонија се очекува невообичаено ладно време за почетокот на април, со пообилни врнежи од дожд, планински снег и повремено силен јужен ветер со брзина локално над 60 км/час. Во северните и западните предели, снежната граница може да се спушти и под 1000 метри надморска височина, што значи дека врнежи од снег ќе има и во повисоките населени места.
– „Како што веќе кажав и најавив, од 26-ти март времето ќе биде значително поладно, со можност за снежни врнежи и во повисоките населени места“, додаде Попоски.
Оваа екстремна промена на времето ќе биде сериозен тест за овошните култури и инфраструктурата во регионот, особено по топлото и пролетно време што го бележеше март.
