Две лица се казнети со илјада куни, односно 130 евра за несоодветна облека во историскиот центар на Дубровник врз основа на градската одлука за комунален ред, со која се забранува одење во костим за капење, без облека или дел од облека, Градот објави Дубровник.

Казните ги наплатија општинските редари кои заедно со полициските службеници биле во обиколка на историскиот центар на градот.

-Како дел од проектот „Почитувај го градот“, градската управа на Дубровник на сите влезови во историскиот центар постави информативни табли кои содржат пиктограми и повеќејазични предупредувања за несоодветно однесување. Со цел превенција, во соработка со Туристичкиот одбор , изработени се флаери за информирање на посетителите за наведените правила за да се избегнат казни, соопштија од Градот.