Албанскиот премиер Еди Рама преку куса објава на Твитер му одговори на поранешниот претседател и експремиер Сали Бериша, кој го обвини дека тој стои зад неговото прогласување за непожелна личност Велика Британија, а претходно беше прогласен за „персона нон грата“ од САД.

– Без коментар, напиша Рама, објавувајќи фотографија од насловот на книга на диктаторот Енвер Хоџа „Англо-американската опасност за Албанија“.

Бериша лично соопшти дека е на списокот на лица санкционирани од британската Влада, за што го обвини Рама и мултимилјардерот Џорџ Сорос.

– Ова е плод на обвинувањата и лобирањето на премиерот Еди Рама и мултимилјардерот Џорџ Сорос. Има за цел да ја задржи на власт најкорумпираната влада во Европа, која со насилно земениот глас на граѓаните го врати целосниот монизам во земјата и ја краде и жртвува Албанија и Албанците, ја води државата до банкрот за да ја купи и зачува моќта, обвини Бериша.

На новинарско прашање дали освен Рама за неговото прогласување за непожелен стои и поранешниот лидер на Демократската партија Љуљзим Баша, тој истакна дека двајцата се вмешани.

Американскиот Стејт департмент, Бериша го прогласи за непожелна личност во мај минатата година, поради вмешаност во корупција.

Засега не е познато дали има и други лица од Албанија на списокот на непожелни во Велика Британија, додека во САД освен Бериша и неговото семејство меѓу оние кои до сега се прогласени за непожелни за САД е поранешниот главен државен обвинител Адриатик Лала, со семејството, поранешниот градоначалникот на Драч, Ванѓуш Дако и Том Доши, поранешен пратеник, бизнисмен и лидер на Социјалдемократската партија.