Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија објавен во („Службен весник“ бр. 122/2021 на 03.06.2021 година), целта е да им се овозможи на македонските државјани од дијаспората и оние кои се затекнати во странство за време на COVID пандемијата, да го регулираат својот престој во странство и да можат непречно да транзитираат при нивното враќање во Република Македонија, за што по дипломатски пат преку ДКП-ата на земјата се известени надлежните власти во странските држави. Напоменуваме дека со предметниот Закон не се прецизирани условите и процедурите за патување во странство, велат од МНР за „Република“.
Укажуваат и дека патувањата од Македонија во странство се на сопствен ризик и Министерството за надворешни работи не превзема никаква одговорност, имајќи во предвид дека условите и процедурите за влез и престој во странство, се регулирани согласно националното законодавство на странските држави.
Претходно, од Министерството за внатрешни работи ни потенцираа дека Министерството за надворешни работи е должно преку Дипломатско конзуларните претставништва да ги извести државите за оваа законска измена.
Тие велат дека не е потребен никаков документ или потврда за лицата со истечени патни исправи и дека на македонските граници нема да имаат дополнителна процедура за излез.
Согласно измените и дополнувањата на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија од 03.06.2021, а кои ќе се применуваат од 01.07.2021, Ве известуваме дека Министерството за внатрешни работи на граничните премини на граѓаните со истечена важност на патните исправи нема да бара никаква потврда, велат оттаму за „Република“.