Македонија бара одржливо и сигурно решение за спорот со Бугарија кое ќе овозможи јасна предвидливост на евроинтегративниот пат, но моментно не постојат услови за спроведување на уставните измени. Ова го истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, оценувајќи дека актуелниот пристап на официјална Софија го блокира вистинскиот напредок. Тој посочи дека постои добра волја од европските институции за олеснување на дијалогот.
Треба да разговараме, иако за некои теми не може да се разговара, но убеден сум дека има простор за креативност и доколу има волја од соседна Бугарија може да се дојде до решение. Имаме обврска да работиме и да најдеме решение, вели Тимчо Муцунски.
Министерот појасни дека за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк немало услови за средба со бугарската делегација, иако основните канали за комуникација остануваат отворени. Сепак, поради отсуство на реален интерес од другата страна, засега не може да се зборува за суштинско приближување на ставовите. Муцунски најави и претстојна работна посета на Софија посветена на проектот Коридор 8.
Посетата на претседателката Фон дер Лајен е корисна, пред сè бидејќи праќа порака дека Европската Унија е заинтересирана за регионот. Второ, ќе имаме можност да дискутираме за внатрешните реформски процеси, но и она што ќе се случува по однос на регионот а по завршување на овој прв циклус на Планот за раст. И несомнено една од темите ќе биде прашањето поврзано со Бугарија и како да се најде решение за истото, вели Тимчо Муцунски.
Шефот на дипломатијата подвлече дека државата повлекува јасна црвена линија со која се бара предвидлив процес без натамошни уцени. Според него, проблемот произлегува од фактот што европските партнери бараат исклучиво уставни измени, додека Софија инсистира на историски толкувања кои задираат во јазикот и националниот идентитет.
И тука е недостатокот на предвидливост. И затоа ние велиме: под вакви услови, кога е очигледно дека една земја членка сака да внесе прашања поврзани со историски наративи, со прашања поврзани со јазик, прашања поврзани со нешто што е суверена внатрешно-политичка надлежност на една влада, кога сака такви прашања да внесе во процесот, нема логика ние да пристапиме кон реализирање на што било, затоа што и да се хипотетички, да се заврши тоа, повторно ќе бидеме во иста позиција, вели Тимчо Муцунски.
Тој упати критики и кон домашното опозициско делување, оценувајќи дека опозицијата во Македонија наместо сопствените државни интереси, целосно ги следи позициите на Бугарија. Муцунски заклучи дека интеграцијата во Европската Унија мора да значи институционален развој, а не губење на националниот идентитет.
Што значи – ние во Европската Унија очекуваме да влеземе со засилен идентитет, а истовремено очекуваме ЕУ и пристапниот процес да имаат за цел да ги трансформираат нашите институции, а не нашиот национален идентитет. Тоа е она за што разговараме, тие се нашите позиции и убеден сум дека демократската зрелост во Европа ќе ги препознае тие позиции и ќе ни помогне да најдеме одржливо решение. Нашите позиции многу јасно сме ги артикулирале и пред домашната јавност. Нема потреба македонскиот народ да се грижи дека повторно ќе биде предаден во рамките на било какви разговори. Ние сакаме решение, доколку има услови, но да биде решение низ призма на европските вредности, вели Тимчо Муцунски.
