Новите мерки кои се очекува денеска да ги усвои Владата вклучуваат и затворање на теретаните, дознава „360 степени“. Исто така, се предлага и забрана за одржување обуки и слични настани. Обложувалниците, пак, нема да смеат да служат пијалоци и храна.
Ова е дел од пакетот предлози што претпладнето произлезе од заседанието на Главниот координативен штаб, а кој, како што веќе информиравме, предвидува од утре па во наредните 14 дена да бидат затворени угостителските објекти, а полицискиот час да започнува во 20:00 часот и да трае до 5:00 часот изутрина.
Седницата на Владата, на која треба да се формализираат одлуките, е закажана за 13 часот, а во 14 часот се највува прес-конференција на премиерот Зоран Заев, министерот и заменик-министерот за здравство, Венко Филипче и Илир Хасани, и шефот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.