Приходи, расходи и дефицит – Клучни бројки од Буџетот за 2025 година
Собранието попладнево го усвои Буџетот за 2025 година, кој е оценет како развоен буџет со социјална компонента. Според финансиските проекции, вкупните приходи се планирани на 358,8 милијарди денари, додека вкупните расходи изнесуваат 400,2 милијарди денари, што резултира со буџетски дефицит од 41,3 милијарди денари или 4% од планираниот БДП.
Овој буџет има за цел да го поддржи економскиот раст, да ја зајакне фискалната одржливост и да обезбеди подобри услови за социјална заштита и инвестиции, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска при образложувањето на предлогот во Собранието.
Инвестиции за економски раст и подобра иднина
Инвестициите ќе бидат еден од главните двигатели на економијата во 2025 година, нагласи министерката за финансии.
-
„Годината 2025 ќе биде обележана со инвестиции кои ќе донесат додадена вредност и ќе придонесат за забрзување на економските процеси. Овие вложувања ќе го придвижат економското тркало и ќе овозможат скок на повисоко ниво во однос на економскиот раст. Инвестиции кои ќе создадат реални предуслови за подобра иднина и кои ќе имаат значително позитивно влијание врз економската активност во текот на наредната година“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во согласност со проекциите, за развојната компонента од буџетот се планирани 47,2 милијарди денари, што претставува 4,6% од БДП. Овие средства ќе бидат наменети за проекти кои треба да го поддржат економскиот раст и создавање на нови економски можности.
Приходи и расходи – Поголеми приходи, контролирани расходи
Буџетот за 2025 година предвидува раст на приходите за 13% во однос на 2024 година, додека растот на расходите е проектиран на 10%. Ваквиот пристап придонесува за постепена фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари во споредба со претходната година.
Зголемување на пензиите и поддршка за социјалните права
Буџетот предвидува средства за редовна исплата на плати, пензии и социјални права, како и за сервисирање на обврските на државата. Клучна измена е најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари, почнувајќи од март 2025 година. Оваа мерка е дел од заложбите за зајакнување на социјалната заштита и подобрување на условите за пензионерите.
Проекции за економски раст и инфлација во 2025 година
Буџетот за 2025 година предвидува раст на економијата од 3,7%, а инфлацијата е проектирана на 2,2%. Овие проекции се дел од стратегијата за одржлив економски раст и контрола на ценовната стабилност.