Собранието попладнево го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година со 64 гласа „за“, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“. Владејачкото мнозинство оцени дека измените се насочени кон економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, додека опозицијата смета дека ребалансот не носи продуктивен развој и не ги дава очекуваните резултати за граѓаните.

Пратениците од владејачката коалиција во собраниската расправа посочија дека со ребалансот се обезбедуваат средства за реализација на развојни приоритети, зголемување на платите во одредени сектори, поддршка за земјоделството, социјалната заштита и локалниот развој.

Од опозицијата, пак, оценија дека дополнетиот предлог-ребаланс не е развоен и не е социјален, нагласувајќи дека, според нив, на граѓаните не им се потребни политички пораки, туку конкретни резултати кои во изминатите две години изостануваат.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во образложението пред пратениците истакна дека ребалансот претставува навремено усогласување на буџетските проекции со новите економски услови, како и обезбедување средства за исполнување на законските обврски и реализација на развојните приоритети.

„Со овие измени обезбедуваме средства за исплата на зголемените плати во секторите каде што е предвиден раст, дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините. Она што особено го издвојува овој ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус и реализацијата на инфраструктурните проекти“, рече министерката.

Таа додаде дека измените продолжуваат со политиките за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, посочувајќи дека со усвојувањето на ребалансот продолжува инвестицискиот циклус, изградбата на инфраструктурата, поддршката за локалниот развој и обезбедувањето сигурност и предвидливост за граѓаните и стопанството.

Со дополнетиот ребаланс, вкупните приходи се зголемуваат на 379,5 милијарди денари, што претставува раст од 1,2 проценти во однос на првичниот буџет. Вкупните расходи се ревидирани на 425,8 милијарди денари, односно се зголемени за 2,8 проценти во споредба со првичните проекции.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,3 милијарди денари, што претставува 4,1 отсто од БДП.

Со ребалансот се обезбедени дополнителни 5,8 милијарди денари за капитални инвестиции, со што нивното ниво достигнува 46 милијарди денари. Тоа е зголемување од 14,3 проценти во однос на иницијалниот буџет, а средствата се наменети за забрзување на реализацијата на капиталните проекти.

Според податоците наведени во образложението, во првата половина од годината реализацијата на капиталните расходи достигнала 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на средствата за капитални расходи и инфраструктурни проекти е причината за корекцијата на буџетскиот дефицит за 0,6 процентни поени во однос на првичната проекција.

Средствата од ребалансот ќе бидат насочени кон проекти во патната и железничката инфраструктура, животната средина и комуналната инфраструктура, енергетиката, образованието, детската заштита, земјоделството, правосудството, како и кон капитални проекти во општините и поддршка на локалниот развој.

Дополнително, со измените се обезбедени средства за исполнување на обврските што произлегуваат од потпишаните колективни договори, односно за зголемување на платите, како и дополнителна поддршка за земјоделството и социјалната заштита.

Преку усвоените амандмани обезбедени се средства и за жените кои вршат земјоделска дејност, воспоставување национална СОС линија за поддршка на жртви на родово и семејно насилство, како и отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство.

Во рамки на дополнително обезбедените средства, 6 милиони денари се наменети за транспорт на вода за населението во Гостивар поради прогласената епидемија, 1 милион денари за Управата за извршување на санкции, а 10 милиони денари за Министерството за образование и наука за реконструкција на факултети.

Обезбедени се и 12 милиони денари за Јавното обвинителство за продолжување на лиценца за набавка на софтвер, 170 милиони денари за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица, како и за реновирање и адаптација на зградата на ИПАРД. Дополнителни 80 милиони денари се обезбедени и за Агенцијата за стокови резерви.