Цел на нападите на сириските владини сили – жртвите биле припадници од заедницата Друзе

Сириските владини сили егзекутирале вкупно 19 цивили во градот Свеида, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР), повикувајќи се на теренски извори. Најголем дел од жртвите се припадници на друзиската заедница, која е доминантна во регионот.

Според информациите, двата масакра се случиле утринава, и покрај тврдењата на владините сили дека вовеле прекин на огнот во градот, кој до неодамна бил под контрола на локални друзиски борци.

12 цивили егзекутирани во пансионот на семејството Радван

СОХР пренесува дека во првиот напад, припадници на сириските безбедносни сили упаднале во пансионот на семејството Радван и таму егзекутирале 12 цивили. Масакрот бил извршен по најавите за смирување на состојбата, што предизвикало дополнителна тревога кај локалното население.

Во селото Таала, според истиот извештај, вооружена група поврзана со владините сили погубила уште четири цивили, меѓу кои имало и една жена. Нападот бил извршен во пансионот Мазлума.

Покрај тоа, Хјуман рајтс воч објави дека во близина на кружниот тек Ал-Баша, северно од Свеида, тројца мажи биле застрелани пред очите на својата мајка. Според организацијата, нападот бил извршен од лица поврзани со сириските безбедносни служби. Сведоштвата зборуваат за брутална егзекуција во присуство на членови на семејството.

Свеида под напад – меѓународните организации бараат итна истрага

Градот Свеида, населен претежно со Друзи, во изминатите два дена беше зафатен од жестоки судири меѓу Друзите и бедуинските групи. Според достапните податоци, загинале околу стотина луѓе.

Меѓународните организации повикуваат на итна и независна истрага, предупредувајќи дека цивилното население е цел на етнички мотивирани напади. Преку соопштенија, организациите алармираат дека станува збор за системски ликвидации од страна на владини и паравоени сили. Тие  дејствуваат без почитување на меѓународното хуманитарно право.