Портокалов метеоаларм поради високи температури ќе биде во сила утре, на празничниот ден, на територијата на целата држава, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Највисоката дневна температура се очекува во Скопје, каде што ќе достигне до 36 Целзиусови степени.
Времето во земјава ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Најниската утринска температура ќе биде измерена во Берово, каде што ќе се спушти до 8 Целзиусови степени.
Во среда и четврток, во претпладневните часови, ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Попладне на повеќе места ќе има нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Поради големата енергија во атмосферата, локално се очекува процесите да бидат во форма на невреме, проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град.
До крајот на седмицата на одредени места ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во Скопје утре ќе биде сончево и топло, со мала до умерена облачност. Во делови од Скопската Котлина ќе има услови за нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
