Престанувањето на врнежите во текот на денешниот ден доведе до смирување на водостоите на реките и сега се очекува нивото на водата да се намали, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Според Ангелов и покрај тоа што коритото на реката Вардар во Општина Јегуновце сѐ уште е полно, состојбата полека се смирува, а за тоа придонесува што нема нови врнежи.

„Нивото на Вардар е генерално зголемено сѐ до излезот на државата, но нема нови пријави за поплави“, додава Ангелов во изјава за МИА.

Хидроцентралата „Вруток“ и натаму ќе остане затворена и нема да се испушта вода во Вардар за да не се придонесе кон дополнително зголемување на нивото.

Намалување на водостојот, Ангелов вели дека има и на Кочанска река и неговите очекувања се дека таа ќе биде стабилна во текот на денот.

За мостот на реката Пчиња, Ангелов рече дека тоа е во надлежност на локалната самоуправа и таа треба да процени дали ќе го остави во употреба, но според него нивото на реката е намалено и водата не претставува закана на мостот.

Од Секторот за хидрологија при Управата за хидрометеоролошки работи велат дека до крајот на денов се очекува постепено намалување на водостојот на река Вардар во горниот дел од нејзиното течение, додека во средниот и долниот дел од течението да има зголемување на водостојот.

Посочуваат дека изутринава е забележан и минимално зголемен водостој на реката Лепенец, а сите останати водостои на реките низ земјава се во опаѓање и тој тренд се очекува да продолжи во текот на денешниот ден.

Од УХМР посочуваат на внимателност во сливот на реката Вардар, каде во средниот и долниот дел од течението ќе има висок водостој во текот на денот.

„Генерално, се очекува постепено нормализирање на состојбата со водостоите низ земјава, но сѐ уште предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, наведуваат оттаму.

Според УХМР од утре ќе има сончево и значително потопло време, освен во среда кога се очекува локален развој на нестабилна облачност со услови за краткотраен пороен дожд и појава на грмежи.

Денешните утрински мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажаа дека водостојот на реката Вардар во 7:30 часот било највисоко во Демир Капија и тоа 308 сантиметри. Високо ниво утринава Вардар имаше и кај Јегуновце и тоа 216 сантиметри, како и во Велес каде што водостојот е 200 сантиметри. Според информациите од УХМР, просечното ниво на Вардар за јуни во овие делови е од 123 сантиметри во Демир Капија до 74 во Јегуновце.