Сè поголем притисок за ограничување на пристапот за малолетници
Водечки британски лекари предупредуваат дека социјалните мрежи можат сериозно да му наштетат на здравјето на децата и младите, споредувајќи ги нивните последици со пушењето и неносењето безбедносен појас во автомобил.
Академијата на кралските колеџи на лекари, која обединува 23 медицински факултети од Велика Британија и Ирска, доставила извештај до владината консултација за заштита на децата на интернет. Во него се наведува дека лекарите сè почесто забележуваат штетни последици поврзани со прекумерната употреба на технологија и социјални мрежи.
„Малку прашања ги обединија толку силно клиничките стручњаци последниве години како влијанието што неограничената изложеност на технологија и уреди во мигов го има врз здравјето на децата и младите. Повеќе од половина од анкетираните 132 лекари виделе барем еден случај на штета по здравјето што може да биде поврзана со технологијата и уредите секоја недела, а повеќе од една третина го виделе неколку пати неделно. Штетата по здравјето се движеше од физички повреди, како што е гледањето екстремна порнографија, до влијанија врз менталното здравје, како што е траума од гледањето насилство на интернет“, се наведува во извештајот.
Велика Британија разгледува забрана за лица под 16 години
Во Велика Британија се водат консултации за можно ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи. Меѓу мерките што се разгледуваат се и целосна забрана за лица помлади од 16 години, временски ограничувања за користење апликации и ограничување на функции што создаваат зависност.
Австралија минатата година стана првата држава што воведе забрана за користење социјални мрежи за лица под 16 години, а слични мерки веќе се разгледуваат и во неколку европски земји.
Британската министерката за технологија Лиз Кендал изјави дека Владата сигурно ќе преземе конкретни чекори.
„Прашањето не е дали ќе дејствуваме – ние ќе дејствуваме, без разлика дали станува збор за забрана на социјалните мрежи за лица под 16 години или за ограничување на клучните функции“, изјави Кендал.
Семејства веќе тестираат ограничувања за децата
Во меѓувреме, стотици британски семејства веќе тестираат временски ограничувања и забрани за социјални мрежи со цел да се утврди нивното влијание врз сонот, училишните обврски и секојдневниот живот на децата.
И покрај тоа, дел од експертите остануваат поделени околу прашањето колку целосната забрана навистина би била ефикасна на долг рок.
