Отокот, чешањето, болката што наликува како некој да ви зарил запалена цигара на местото долго се паметат. Се знае дека убодот треба веднаш да биде третиран и да не се игнорира, особено, ако боцката од пчелата останала внатре.

Еве неколку корисни совети што ќе ви се најдат доколку и покрај тоа што сте внимавале, пчелата нашла начин да ве боцне.

Како да ја отстраните боцката?

За разлика од осите и другите нивни роднини, пчелите најчесто кога ќе ве боцнат ја оставаат боцката. Сè додека е во кожата, боцката на пчелата испушта отрови, поради што болката станува позасилена.

Ако ве каснала пчела, прво што треба да направите е да ја најдете боцката. Таа изгледа како малечок, темен трн и најчесто може да се забележи како ѕирка на местото на убодот. Често може да се случи на врвот да забележите и заоблен дел, а тоа е вреќичката со отров.

Некои луѓе тврдат дека е подобро боцката да се истисне со помош на прсти, а да не се користи пинцета за извлекување, затоа што со извлекувањето би можеле дополнително да истиснете од отровот во вашето тело. Но, не постојат голем број податоци дали ова е точно или не. Веднаш штом ќе ја најдете боцката, обидете се веднаш да ја извадите на начин што би бил најбрз, со пинцета или со истиснување.

Како да го третирате местото на убодот?

Понекогаш може да се случи и воопшто да нема боцка. Сепак, откако сте ја извадиле боцката, веднаш треба да го измиете местото на убодот со вода и со сапун. Студените облоги може да ги намалат симптомите, како болката и отокот, а за болката може да земете и аналгетици (секако пред земање на каков било лек најдобро е прво да се консултирате со лекар).

Засега нема медицински докази дека некои од народните лекови помагаат, но голем дел од луѓето тврдат дека со третирање на убодот со јаболков оцет, мед, паста за заби и раствор со сода бикарбона значително ја намалиле болката.

Секако, постојат и одредени фармацевтски креми наменети токму за ублажување на симптомите од убод на инсекти и нив можете да ги најдете во аптеките.

Што да правите доколку сте алергични на убод од пчела?

Претходните инструкции се наменети за луѓето што не се алергични и што имаат благи реакции на убодите на пчели. За оние што се алергични отровот од пчелата може да биде мошне опасен. Затоа, ако ве каснала пчела мора да внимавате и на алергиските реакции. Црвенилото, отокот и чешањето треба да бидат ограничени само на местото на убодот. Доколку овие симптоми се прошират на другите делови од телото веднаш треба да побарате лекарска помош.

Дополнително, како симптоми на алергиска реакција може да бидат и проблемите со голтање и дишење.

Како да избегнете каснување од пчела?

Некогаш не сте ни свесни дека пчелата „одлучила“ да ве касне. Но, еве неколку начелни работи на кои треба да внимавате за да немате блиска средба што долго ќе ја паметите.

Немојте да мавтате со рацете за да ги избркате инсектите, затоа што може да се чувствуваат загрозено и да ве боцнат.

Носете облека во светла боја.

Избегнувајте парфеми.

Избегнувајте да шетате боси во трева.