Сајбер-нападите се реална закана за сите институции, но ова што вчера се најавуваше и помпезно излезе во медиумите е класична лажна вест, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска објавите на социјалните мрежи дека грчка хакерска група го пробила компјутерскиот систем на Министерството за образование и наука и ја презело контролата врз надгледните камери и интернет-страницата.

Веста што вчера брзо се рашири на социјалните мрежи денеска ја демантираше и МОН.

– Нема хакерски напад на Министетството за образование и наука и на други институции, нема напад во кој е влезено и се земени податоци и документи и нема напад врз системот за видеонадзор. Видеото што беше објавено не е од МОН ниту од кое било од другите министетства, изјави Спасовски за ТВ Сител во одговор на прашањето дали и колку се безбедни државните институции од вакви напади.

Тој посочи дека државата има механизми и дека секоја институција поединечно работи на заштита на своите електронски податоци, а МВР е во координација со својот Оддел за спречување компјутерски криминал и со Агенцијата за електронски комуникации и дека на државните институции им се дава потребната стручна помош со цел да се заштити системот.

– Меѓутоа, тоа е нешто што постојано треба да се надградува, да се јакнат и материјално-техничките и човечките ресурси во секое од министетствата и посебно кај нас, во Одделот за спечување компјутерски криминал. Досега имало обиди за напади на одредени веб-страници на институции, но поради воспоставенот одбранбен механизам тоа не се случило. Тоа беше лажна вест, мислам дека не треба да создаваме некаква фама ако такво нешто не постои, рече Спасовски.

МОН денеска во демантот информираше дека видеоснимките од безбедносни камери кои се прикажуваат не се од нивни простории и дека по направени проверки на соодветната внатрешна служба заедно со надлежните институции за справување со компјутерски инциденти, не е констатиран никаков упад во електронските системи и бази на податоци со кои располага. МОН апелираше до граѓаните да не наседнуваат на шпекулации и да бидат спокојни за личните податоци за учениците, студентите, наставниот кадар зашто системите се соодветно заштитени.